Радио БубаМара е формирано во 1994 година. Самото име има мошне богато-широко симболичко значење. Нејзиниот „говор” и се слуша и го слушаат (наслушнуваат). Нејзиното ненадејно доаѓање меѓу луѓето секогаш се пречекува со радост, а преку нејзината слобода и спокојство (во летот и пристанот) човекот се искажува себе си како слободен, спокоен и задоволен од животот, од времето што го живее, од воспоставената рамнотежа помеѓу неговиот внатрешен и надворешниот свет. Совршенството се потврдува и со седумте точки што ги „носи” на своите крилца, со оглед на фактот што бројот 7 е пред се симбол на совршенство.

Долетувањето на бубамара е секогаш неочекувано, а кога долетува пред или на човекот (на пример, на неговата дланка) му навестува подготвеност да пренесе некоја порака до некој негов близок-роднина, пријател. Тоа во симболичка смисла претставува контакт-комуникација, говор-збор-порака. (Кај децата често се среќава возвраќање со познатото: „Лет, лет, бубамаро, донеси ми гости”.) Едновремено, средбата со неа е среќен чин, предизвикува радост и смисла на постоењето.

Називот божја бубалка е веројатно поврзан со седумте точки на нејзините крилја; поврзаност со создавањето на светот, на процесот на неговото создавање и на неговото заокружување. Седумте точки ги симболизираат седумте дена на создавањето: на седмиот ден бубамара летнува „да го објави божјото дело-создавањето на светот”. Ваквото толкување произлегува од значењето на бројот седум како сеопфатност во движење. Имено, тој како своевиден динамизам е клуч на откровението (според „Речникот на симболите” на Шевалје и Гербрант): 7 цркви, 7 звезди, 7 Божји Духови, 7 печати, 7 труби, 7 громови, 7 глави, 7 зла, 7 пехари, 7 кралеви. Сеедно дали како „дар на природата” или како потврда на верувањето (празноверието) на човекот во моќта на бројот 7, важно бубамара е драга и добродојдена, една од ретките кај која човекот наоѓа убавина.

Интересно е што човекот по никоја цена не би згазил-убил бубамара како инсект-бубалка (слично како и мравката), па следствено на тоа може да се зборува и за почит кон неа. Можеби тоа произлегува и од сознанието за нејзината корисност: таа и нејзините ларви се хранат со лисни вошки (опасни растителни штетници) и цврчиња.

Имајќи ги предвид погоре наведените присутни и можни толкувања на симболиката на бубамара, само по себе се наметнува и едно друго значење: бубамара е семејна бубалка. Со други зборови, им носи радост на сите членови на семејството (на сите генерации) и предизвикува почит, па и љубов од сите. (Кога ќе долета во семејниот дом значи дека навестува убаво време и добро расположение, но наметнува и грижа од сите што побрзо да се ослободи од затворениот простор, да се пушти на слобода: внимателно се зема в раце, се отвора прозорецот и нежно се поттурнува од раце за да летне (со порака). Значи, таа не е дел од минливоста на животот, туку негово продолжение.

Во македонската народна лирика можат да се сретнат бројни примери на присуство на бубамара (божја бубалка). Во една песна од гевгелискиот крај се вели: „лази, лази буба! / дек ќи идиш на госте? / -Ув Милена на госте. / -Што ќи те госте? / -Бела пугача”. (Според Речникот на македонската народна поезија). Името „бубамара” за семејно радио е соодветен затоа што од една страна сугерира богатство на програмски содржини (кои произлегуваат од наведената симболика), а од друга е мошне прифатлив и метафоричен (поетичен).

Скопје 1000, улица Гиго Михајловски 2/11
телефон: (+389) 02/ 3063 693, 3068 320
факс: (+389) 02/ 2043 380, 3062 625
e-mail: bubamara@radiobubamara.com.mk
web-site: www.radiobubamara.com.mk
 
Интернет емитување
Врска Формат на интернет емитувањето
Слушај во живо AAC+
 
УКБ емитување
УКВ емитување - град Фреквенција - MHz Предавател, моќност, RDS, (детали)
Скопје 105.20 Средно Водно,