Македонско радио

  Историја: Радиостаниците во Скопје во текот на Втората светска војна ›››

  Историја: Југословенското Радио Скопје 1944-1991 година ›››

  Македонското радио после 1991 година ›››

  Програми на Македонското радио денес ›››

Македонска телевизија

  Историја: Реемитување на телевизиски програми во шеесетте години ›››

  Историја: Југословенската Телевизија Скопје 1964-1991 година ›››

  Македонската телевизија после 1991 година ›››

  Програми на Македонската телевизија денес ›››

Македонската Радио-Телевизија денес

  Програми на Македонското радио ›››

  Програми на Македонската телевизија ›››

  Контакти ›››

Македонско радио

Историја: Радиостаниците во Скопје во текот на Втората светска војна

Предајник Радио Београда у Скопље, Краљевина Југославија (1941 г.)

  Првото радиоемитување во Вардарска Македонија датира од јануари 1941 година, кога србските власти пуштат во работа среднобранов предавател во скопската населба Маџари. Овој предавател работил како релејна станица на Радио Београд на бранова должина од 631.5 kHz. Со моќност од 20 kW - тогаш најсилен предавател на територијата на Балканот и четврта радиостаница во среднобрановото подрачје во некогашното Кралство Југославија.

Българско Радио Скопие, Царство България (1941-1944 г.)

  На 20 април 1941 година - Велигден радиостаницата во Маџари започнува за првпат емитување на радиопрограма од студио во Скопје. Програмата е започнувала така: „Внимание! Тук Радио Скопие! Христос Воскресе! Започваме нашето първо предаване на български език. Българи от от свободна Македония! ...” Програмата е на бугарски јазик и се изготвува од екипа од околу 20 луѓе, бугари од Македонија и емитува на бранова должина од 704 kHz со моќност од 20 kW. Во следните години, бугарското „Радио Скопие” емитува многу и различни програми - актуелните настани, емисии ја за историјата, литературата, фолклорот и културата, за селското стопанство, детски радиочас и многу автентична народна музика. Оваа радостаница работи до август 1944 г.

  Врски: Историја на Бугарското радио (Predavatel.bg) ››     Историја на Бугарското радио (www.bnr.bg)
Историја: Југословенското Радио Скопје 1944-1991 година

    Во август 1944 година АСНОМ ја постави задачата пред писателот Владо Малески - Тале, да се зафати со создавање и работа на првата македонска радиостаница. Експериментите започнаа со француска воена радиостаница на кратки бранови, радио техничарите со успех оспособија радиопредавател од американско потекло „СЦР” од 20 W. Новиот предавател успешно стартуваше од куполата на Офицерскиот дом во Скопје. Тоа е трофејна воена радиостаница на кратки бранови чии oпсег e нешто зголемен (околу 49 м. бранова должина 6200 КХЦ) за да може да се слуша и на обичните радиоприемници во регионот на Скопје. Во денот на одржувањето на Второто заседание на АСНОМ - 28 декември 1944 година, во етерот се разнесе првиот македонски збор: „Зборуе Радио Скопје, зборуе Радио Скопје, Драги слушатели, од салата на Собранието вршиме директен пренос на Второто заседание на Антифашистичкото собрание на Народното ослободување на Македонија ...”. Овој ден се одбележува како ден на Радио Скопје.

  Првиот професионален предавател од 200 вати беше поставен на скопскиот аеродром, поради зачуваниот антенски систем. Во мегувреме, се подгртвуваат програмски шеми и концепции за првите емисии на радиото. Сето тоа е изведувано без никакво претходно искуство во работата од оваа област. Co помошта на нашите сонародници од странство, со набавен и приспособен трофеен материјал, со многу труд и умеење од страна на првите македонски радиотехничари (Александар Грков, Тодор Џартов, Стефан Ќосев, Ефтим Митевски) на 21.01.1945 година на скопскиот аеродром проработува првиот среднобранов предавател со сила од 200 W. На 27 јануари 1945 година, во 7 часот наутро, со проработување на овој предавател, Радио Скопје започнало со емитување на редовна програма на македонски јазик. Се започна со читање вести за разни настани, соопштенија и прогласи што ги издаваа власта и ошптественополитичките организации, се читаа соопштенија од фронтот.

  Co започнувањето на редовната работа на радиото, по 28 јануари 1945 година, сите тогашни новинари, пишуваа и подготвуваа и во најчести случаи ги читаа вестите пред микрофонот. Во тоа време практично не постојат други можности за добивање вести од Југославија и светот, освен нивното доставување по Танјуг од Белград преку Морзеов апарат, што на слушалка ги дешифрираше Борче Борисовски и другите телеграфисти сместени на најгорниот кат на зградата на тогашната редакција „Нова Македонија”. Подоцна, во месеците што следуваа, говорната програма, која беше подготвувана од новинарите на Радио Скопје, изнесуваше околу 3.5 часа дневно.

  Во 1946 година се пушта во редовна работа нов предавател со моќност од 2.5 kW. Bo исто време се донесува одлука да се набави професионален предавател и се случува договор за набавка со фирмата „Thomson-Huston” од Париз. Веднаш се пристапува кон изградба на зграда за сместување на предавателот кој габаритно е доста гломазен, на трафостаница за негово напојување со електрична енергија, како и на нов антенски систем и антенски столб од 120 метри височина, затоа што работната фреквенција на предавателот е 1511 КХц, односно 198.5 метри бранова должина. И конечно на 29.11.1947 година се пушта во редовна работа првиот професионален среднобранов предавател во Република Македонија со сила од 20 kW co што најголем дел од територијата на Републиката беше покриен co квалитетен радиосигнал.

  Во 1952 година дојде до смена на раководството на Радио Скопје - за директор беше назначена Веселинка Малинска. Во истата година зградата во Маџари беше проширена, а во 1957 година беше монтиран нов предавател си сила од 135 kW, а антенскиот столб беше адаптиран. Новиот предавател емитува на фреквенцијата на 809 КХц доделена уште во 1949 (Копенхаген 1949). Во годините што доаѓаат започнува и изградбата на локалната радиодифузија. Нејзините почетоци датираат од 1950 година, кога Радио Битола го пушти во редовна работа 2 kW СБ предавател, а во февруари 1952 година почнува редовна радиопрограма и Радио Прилеп на бранова должина од 202 м. Во 1954 година почнува редовна работа Радио Кочани, во 1956 година Радио Гевгелија, во 1957 Радио Охрид, во 1958 година Радио Кавадарци, во 1959 година Радио Велес и Радио Струмица, во 1960 Радио Ресен, Радио Штип и Радио Кичево и во 1962 година Радио Гостивар. Сите радиостаници зрачат по неколку часа дневно редовни термини за вести. Подоцна дел од локалните радиостаници ќе биде опремен со емисиони уреди од страна на Радио Скопје и ќе влезе во составот на неговата радиодифузна мрежа.

  Почетокот на 50-тите години означува време кога започна продуцирањето на забавна музика со пејачки кои пееја на македонски јазик. Во почетоците на 60-тите години е формиран Танцовиот оркестар на Радио телевизија Скопје со диригентот Драган Ѓаконовски и составот на „Биг-бенд”.

  Прв предавател во ултракраткобрановото подрачје на територијата на Република Македонија е инсталиран во Охрид. Официјалното пуштање во работа на тој предавател со сила од 10 W е на 07.11.1957 година и тој емитуваше локална програма. Македонската радиотелевизија во 1960 година со пуштањето во редовна работа на 200 W предаватели во студиото на Радио Скопје и на репетиторскиот пункт Солунска Глава го почнува градењето на ултракраткобрановата мрежа. Во текот на 1963 година се инсталираат УКБ предаватели во Нерези, на ТВ/УКБ пунктот Црн Врв и на ТВ/УКБ пунктот Пелистер. Официјалното пуштање во редовна работа на тие предаватели е 28.12.1963 година и преку нив се емитуваше првата програма на Радио Скопје. На 10.12.1965 година се пушта во редовна работа и репетитор на пунктот Попова Шапка со сила од 50 W за емитување на Првата програма.

  Поплавата на Скопје и на Радиото во ноември 1962 година негативно се одрази врз програмата на Радиото. Повеќе од два дена таа не се емитуваше. Програмските редакции беа реорганизирани за единствено следење на отстранувањето на последиците од поплавата. Користењето на фонотечниот материјал беше можно само од сувите, или од просушените ленти и плочи. Но, програмата сепак се одвиваше, снимањата на разни поголеми емисии продолжија ритамот на редовната програма полека се враќаше. Кога раните од поплавата врз програмата не беа уште долечени и пребродени, Радио Скопје, како и целиот главен град на Републикава на 26 јули 1963 г. беше погоден од втората елементарна катастрофа земјотресот. Тој го разурна градов, однесе повеќе од илјада човечки жртви, меѓу кои вредниот техничар во студиото Димко Зафировски и новинарот од програмата Милан Ангелов. По земјотресот што се случи во 5.17 часот, Радио Скопје всушност мораше повторно да започне да работи речиси од ништо. Тоа остана без свој дом, па беше принудено да се сместува под шатори на локацијата на предавателот во Маџари кој е оддалечен од градов повеќе километри. Земјотресот предизвика непостоење на елементарни програмски, технички и студиски услови за каква и да е програмска активност.

  Co несебичното залагање на сите вработени, голем број тешкотии кои настанаа по земјотресот, Радио Скопје успеа да ги елиминира за релативно кусо време. Кон крајот на 1963 година програмата на Радио Скопје започна да се нормализира. Во следната 1964 година таа го достигна обемот од пред земјотресот. Програмата веќе имаше 15 дневни информативни и 16 неделни емисии. Видно место во неа имаа дневните информативни емисии. Вестите беа емитувани 7 пати дневно. Покрај тоа, редовно се емитуваа Утринскиот, Пладневниот и Вечерниот радиовесник. Исто така секој ден одеше емисијата „За нашите сонародници во странство” во траење од 15 минути со вести и написи за изградбата на материјалната база на Републикава и одговори на прашања што ги поставуваа слушателите од странство. Во терминот на скопската програма беше воведена постојана секојдневна емисија „Денес и утре”. Исто така секој ден беше емитуван 15 минутен дневник на албански, како и дневник на турски јазик, во времетраење од 10 минути. Во 1964 година неделните емисии на Радио Скопје станаа дури помногубројни од пред земјотресот и поинтересни. Кон крајот на истата година Радио Скопје го достигна обемот на емитувањето на дневната програма од 19.15 часа. Покрај разновидните информации, културни и музички емисии беа емитувани и хумористично забавни прилози и јавни програмски квизови. Во текот на годината се емнтуваа и 24 радиодрамски премиери, како и околу 120 страници поезија во месецот.

  На 15.04.1963 година се пушта во редовна работа среднобранов предавател во Маџари со сила од 400 W и со тоа ќе почне официјално Втората програма на Радио Скопје. Во 1964 година се гради среднобранов објект во Гостивар, се поставува 2 kW предавател кој веднаш влегува во состав на радиомрежата на РТС. Предавателот е пуштен во редовна работа на 25.05.1964 година. Во Секторот Предаватели и врски се изработуваат 50 W СБ предаватели кои се поставуваат во Дебар во 1964 година, во Берово и Делчево во 1966 година, но кои ја пренесуваат само локалната програма поради немање адекватни приеми, во Прилеп и Ресен во 1966 година, како и во Крива Паланка во 1967 година. Во 1969 година во Маџари се поставува 10 kW СБ предавател за пренос на Втората радиопрограма.

  На 28 декември 1964 година, на 20-годишнината на постоењето на Радио Скопје во слободна Македонија, пред мостот на Вардар во Долно Нерези, со скромна свеченост беа пуштени во работа новите студија на Радиото. Во следната, 1965 година, Радио Скопје го продолжи емитувањето на скопската програма чиј наследник во подоцнежните години беше Втората програма на Радиото. Таа имаше времетраење од 5 часа во работните и 2 часа во неделните денови. Погледнато реално, 1964 и 1965 година се сметаат за период на стабилизација на радиопррграмата по катастрофалниот земјотрес. Затоа 1966 година се карактеризира како година на програмска активност и напредок во што свој придонес даде и директорот Томислав Симовски. Тоа е видливо и по однос на обемот и квалитетот. Во тоа време Радио Скопје ја емитува својата програма на два канала. Првиот канал кој го користи предавателот со сила од 135 киловати, работи со времетраење од 19.15 часа дневно. Вториот канал емитуваше програма на 20 киловатен предавател во траење од 4 часа во работните и 2 часа во неделните и празничните денови.

  Меѓу позначајните музички емисии во 1966 година беа: Одберете мелодија на неделата, Неделен концерт, Шлагерот патува, Co песни и танци низ Југославија, За љубителите на оперската музика, Вечерен концерт за разонода, Во светот на џезот, Премиера на годината, Македонски фолклорен мозаик, Музичка разгледница, Музички омнибус, Нека пеат народите и други. Првата програма на Радио Скопје во 1967 се задржа главно на времетраењето, како во претходната година. Таа се емитуваше во времетраење од 19 часа и 15 минути. Програмата на Вториот канал, пак, го зголеми времетраењето на својата програма и тоа во делничните денови на четири часа и 30 минути.

  Co набавката на 5 УКБ предаватели од фирмата „Нера” Норвешка со сила од 1 kW за пунктовите Црн Врв, Туртел и Пелистер почна и емитувањето на Втората програма на Радио Скопје во УКБ подрачјето. Во 1967 година се набавени и монтирани УКБ антенски системи за истите објекти. Предавателите се монтирани и пуштени во работа по овој редослед: На Црн Врв во 1968 година, на Туртел во 1969 година и на Пелистер во 1970 година. Во 1974 година уште еден значаен инвестиционен зафат. Набавени се репетитори со сила од 50 W како и 1 предавател од 250 W за пунктовите Мали Влај, Попова Шапка, Стогово, Буковик и Туртел.

  Првите покрупни измени на програмата во текот на 1970 беа: воведување емисии на странски јазик (албански, бугарски, грчки) за слушателите во соседните земји, развојот на програмата на јазиците на народностите (албански и турски јазик), паралелно работење на Втората програма, како и подготовки за воведување Трета програма. Во оваа смисла Радиото доби и нова организациона структура. На 29 ноември оваа година во редовна работа е пуштен 1000 киловатен среднобранов предавател во „Овче Поле” кој со своето зрачење на Радио Скопје му обезбеди посебно место во балкански, па и пошироки европски размери. До 1972 година на локацијата во Нерези беа доградени повеќе објекти, беше изградена нова зграда на Радио Скопје со повеќе студија и редакциски простор. Беше проширен просторот на телевизиските студија и беше изградена филмска лабораторија. Сместувањето на Радио-телевизија Скопје во Нерези беше од привремен карактер и во објекти кои требаше да ги задоволат потребите и да овозможат развој за еден покус период. На 28 декември 1979 година, во денот на одбележувањето на 35-годишнината од основањето на Радио Скопје започна да се емитува Третата радиопрограма.

  Во 1971 година започна проектирањето на главниот изведбен проект за изградба на РТВ Дом при што Радио-телевизија Скопје имаше ангажирано постојани и повремени консултанти од земјава и од странство. Изградбата на објектот се вршеше во етапи, така што кон крајот на 1978 година со првата етапа беше предвиден дел од објектот за користење на Радиотелевизија Скопје. Од август 1980 година започна втората етапа која траеше се до 1984 година кога телевизискиот објект беше комплетно завршен, а високиот дел со анексите продолжи да се гради се до 1988 година. Во 1986 година со завршувањето на втората етапа, Радио-телевизија Скопје во целост од локацијата во Нерези се пресели во новиот РТВ дом од каде што започна емитувањето на радиотелевизиските програми.

  Бидејќи покривањето со радиосигнали на првата програма на Радио Скопје, на територијата на Република Македонија, е решено со пуштањето во работа на предавателот во Овче Поле, сите дотогашни предаватели за дополнително покривање од почетокот на 1971 година се вклучуваат во мрежата за емитување на II радиопрограма. И не само што целата енергија се пренасочува кон засилување на среднобрановата мрежа за пренос и емитување на Втората радио програма, туку во 1971 година се пуштаат во редовна работа 10 kW предаватели во Струмица и Гевгелија, во 1972 година во Битола, во 1973 година во Охрид, а во Маџари 20 kW предавател.

  Предавателите со мали сили, какви што се Кичево, Дебар, Крива Паланка, Делчево, Берово, Ресен и Прилеп, целосно се решија многу подоцна со изградба на нови објекти со 1 kW СБ предаватели, во периодот од 1979 до 1985 година. Во 1987 година за емитување на Првата програма на Радио Скопје во Кичево и Дебар се поставуваат предаватели со сила од 1 kW. СБ предавателите во Охрид и Гостивар се малку поспецифични така што во 1973 година Охрид почнува да емитува Прва програма со 2 kW СБ предавател, во јуни 1980 година со 5 kW, а во 1992 година со 10 kW предавател. Гостивар во ноември 1981 година зрачи Втора радиопрограма преку новопоставениот 5 kW предавател.

  Во периодот од 1981 до 1985 година се монтирани и пуштени УКБ репетитори на репетиторските пунктови Дебар, Страцин, Попова Шапка, Боскија, Буковик и Стогово. УКБ репетиторите се со сила од 100 W освен на Боскија каде што се со сила од 1 kW. Сите тие репетитори ја пренесуваа Првата и Втората радиопрограма. Во 1989 година почна изведбата на УКБ мрежата за емитување на програмата за националностите. Се поставуваат 100 W репетитори на Стогово, Попова Шапка, Мали Влај, Водно, како и 15 W репетитор на РТВ домот. На ТВ/УКБ репетиторот Голак се поставува репетитор за емитување на Првата програма, а на пунктот Пелистер 2 kW УКБ предавател за емитување на локалната програма на Радио Битола. Во периодот од 1990 - 91 година се поставуваат УКБ репетитори на пунктовите Беласица, Цоцон, Жидилово и Влајница за емитување на Првата радиопрограма. Канал 103 почна емитување во 1992 година преку УКБ предавателот монтиран на РТВ домот.

  Периодот на 80-тите години го карактеризираа низа значајни настани од светот и кај нас. Во овој период на бурни настани на местото за директор и главен уредник на Радио Скопје доаѓа Вјекослав Прокопенко, за одговорен уредник на Првата програма доаѓа Ѓорѓи Варошлија и го заменува Благоја Стоилковски кој во два мандата ја вршеше оваа должност прво на информативно-политичкиот сектор, по потоа на Првата програма. Тогаш во Дневната редакција дојде до една голема промена. Имено, радиовесниците, што дотогаш се снимаа, почнаа да се читаат во „живо". Во овој период дојде и до радикални промени во програмската шема. Покрај воведувањето нови емисии и циклуси, како што се Траги во времето, Автори и дела и сл. остварен е и решавачки пресврт во правец на отворањето на програмата, нејзината контактност, интерактивност со освоените 16 часа отворена програма чии најзначајни програмски зафати беа Саботниот радиоспектар, програмата од 9 - 12, Неделен избор, Музичка витрина.
Аудио историја на Македонското Радио
mr_60godini_mrt.mp3 1.9 MB   60 години Македонско радио
Македонското радио после 1991 година
   

  Во периодот на најзначајните ошитествено-политички промени во најновата историја на нашава држава, по предлог на Работничкиот совет на Радиотелевизија Скопје, новиот собраниски состав на Република Македонија, во континуирано својство на основач ја прифати иницијативата нашата институција да се преименува во Македонската радио телевизија на 10 мај 1991 година. Оттогаш официјално име на Радиото е Македонско Радио.

  Во 1993 г. Македонската радио телевизија се издвојува од Заедницата на Југословенските радио-телевизии. Со Законот за радиодифузна дејност од 24 април 1997 г., Македонската радио телевизија е поделена на два дела: Македонска радиодифузија и Македонска радио-телевизија. Според член 77 од Законот за радиодифузија, на Македонската радио-телевизија и припаѓа 61% од прибраната радиодифузна такса.

  Македонското радио дневно емитува 86.5 часа програма на своите три програми и на Сателитската програма. На првата програма зрачи непрекината 24-часовна програма. На втората програма - Радио 2 емитува 16-часовна програма од 06 до 22 часот, а потоа продолжува Третата програма од 22 до 02 часот (4 часа програма), а од 02-06 часот програма емитува Канал 103. Сателитската програма на Македонското радио емитува од 31.07.2003 г. 24 часовна непрекината програма што е избор на емисии од програмите на Македонското радио и оригинална програма „Радио Македонија” во траење од 6 часа и 30 мин. Македонското радио емитува програми на сите јазици на немнозинските заедници во Република Македонија и тоа: на албански јазик - 8.5 часа, на турски јазик - 5 часа, на влашки јазик, на ромски јазик, на српски јазик, и на бошњачки јазик по 30 минути на ден, а се емитуваат и емисии на бугарски, грчки и српски јазик во терминот на „Радио Македонија”.
Програми на Македонското радио денес
   

  Прва програма - Радио Скопје ›››


 
  Втора програма - Радио 2 ›››


 
  Трета програма - Програма на јазиците на националностите ›››


 
  Програми за странство - Радио Македонија ›››

Македонска телевизија

Историја: Реемитување на телевизиски програми во шеесетте години

Реемитување на италијанската телевизиска програма (1959-1972 г.)

  Во 1958 година, Извршниот совет на Собранието на Република Македониј му дава задача на Радио Скопје да „планира уреди и да определи погодни места за поставување репетитори за пренесување на Италијанската ТВ програма”. Се прави инвестициона програма за набавка на три ТВ репетитори со сила од 5 W со приемни и предавателни антени. За набавка на опремата и уредите Извршниот совет на Република Македонија обезбедува финансиски средства. Во мегувреме Собранието на околија Битола обезбедува финансиски средства за изградба на репетиторски објект со електричен далновод на Пелистер. По завршувањето на објектот и далноводот во рекордно краток рок, веднаш се монтира пристигнатиот ТВ репетитор и на 24 октомври 1959 година во Битола и Прилеп започнува првиот експериментален прием на италијанската телевизија во Македонија. Тогаш цела Битола и Прилеп имаат вкупно 10 телевизори, а програмата најмасовно ce гледа во битолскиот хотел „Централ”.

  Веднаш потоа во март 1960 година се поставуваат ТВ репетиторите на Солунска Глава и Водно и со тоа им се овозможува и на ТВ гледачите од Скопје и дел од Куманово да ја гледаат телевизиската програма на РАИ. Бидејќи ТВ сигналот, во зависност од условите на пропагацијата е со променлив квалитет, се преземаат чекори за негово подобрување. Така, во почетокот на 1961 година се поставува ТВ репетитор со сила од 100 W на Солунска Глава. Co тоа не само што се подобрува квалитетот на приемниот сигнал во Скопје туку им се овозможува на гледачите од Велес и Велешко да ја следат Италијанската ТВ програма. Сигналот на Италијанската програма се емитува до 01.05.1972 година.

Реемитување на Jугословенска телевизиска програма од Белград 1961-1991 година

  Co поставувањето на силниот ТВ предавател на Јастребац од страна на ТВ Белград, се овозможува негов прием на Солунска Глава и се прават напори за негово реемитување кај нас. Првиот пренос на Jугословенската телевизиска програма е преносот на Првомајската парада во Белград на 1 мај 1961 година. Во наредните неколку месеци се обезбедува, во соработка со стручна екипа од Белград, квалитетна приемна антена за прием на ТВ сигналот од Јастребац, се монтира на Солунска Глава и од 24.12.1961 година се реемитува само телевизиската програма на ТВ студио Белград која е заедничка југословенска програма.

  На 17.06.1963 година се пушта во редовна работа ТВ репетиторот со сила од 5 W на објектот Попова Шапка. На 08.09.1963 година почнува да работи 50 W ТВ репетитор на објектот Туртел. На крајот на годината 5 W репетиторот на Мали Влај исто така почнува да емитува. Годината 1963 ќе остане забележана во историјата на „Предаватели и врски" и по тоа што на 27.11.1963 се пушта во редовна работа првиот ТВ предавател со сила од 0.6/0.25 kW во Република Македонија, на објектот Црн Врв. Во 1964 година се пуштени во редовна работа и ТВ репетиторите на Боскија со сила од 15 W (01.05), во Крушево со сила од 2 W (16.07.) и на Буковик со сила од 15 W (29.11.).
Историја: Југословенската Телевизија Скопје 1964-1991 година

  Во 1960-1962 година Радио Скопје, што се однесува во програмските зафати, оформува екипа и праќа свои работници на обука во радиотелевизиските центри во Белград и Загреб и интензивно се подготвува за освојување и на тој сегмент од радиодифузијата.

  Ha 08.04.1964 година е завршена монтажата и на 5/1 kW ТВ предавател на објектот Црн Врв. Co силниот антенски систем (4х4 антенски панели), кој има засилување од 10 децибели, а тоа значи во сите правци зрачи со по 50 kW, тој ќе биде доминантен во тоа време на овие наши простори. По повод неговото официјално пуштање во работа на 05.06.1964 година се одржува свеченост на самиот објект и се врши првиот телевизиски пренос во живо од типот на Република Македонија. Телевизиските работници остваруваат уште една победа, но Телевизијата е сè уште на прагот на својот почеток. Во текот на летото 1964 година се реализираат директни преноси на спортски, фолклорни и забавно-музички приредби од „Средбата на солидарноста”.

  14 декември 1964 година се смета за роденден на скопското телевизиско студио. Од импровизираното студио (лимен хангар) во крј има две маси за спикерите и најавувачката, со една камера (и уште една резервна) од подарената англиска репортажна кола, со мобилна врска од колата до предавателот на Црн Врв, во „живо”, започнува редовното емитување сопствена програма од сопствено студио. Во 18:15 часот ТВ весник во траење од 20 минути, потоа цртан филм и детска емисија, образовна емисија, странски јазици, емисија од културата, ЕПП ... Така, пет дена во неделата. Создадени се доволен број емисии и репортажи за предвидените термини, а детските куклени и образовните емисии се емитуваат во „живо”. Така до 20 часот, а потоа вклучување во заедничката програма на Југословенската радиотелевизија.

  За заокружувањето на историската „шеесет и четврта” за телевизијата во Македонија еве уште неколку податоци: до крајот на годината се реализирани 330 минути сопствена програма, а во текот на целата година, преку студијата Белград, Загреб и Љубљана се емитувани прилози и емисии во траење од 2.650 минути; на крајот од годината се регистрирани 17.500 телевизиски приемници, a радоста и задоволството што со појавата и понудените програми им се нудат на гледачите ги „поматува” воведувањето на непопуларната „телевизиска претплата”. Од 1964 година работењето на Радио-телевизија Скопје започнува да се остварува врз самофинансирање, а сопствениците на тв-приемниците имаат обврска да плаќаат по илјада тогашни динари месечно.

  На 16-ти октомври 1965 година е реализиран и првиот директен телевизиски пренос од еден фудбалски натпревар: на Градскиот стадион во Скопје „Вардар” ја победува „Црвена Звезда” со два спрема нула, а преносот го коментира Атанас Костовски, во режија на Вељо Личеновски. За есента во таа година се подготвува нова шема и со неа се планира старт на двегодишна телевизиска програма за основно образование под наслов „Се рути карпа мрак” (повод се показателите од 1961 година според кои во Македонија се регистрирани 225 илјади неписмени, а од нив 70.777 до 35-годишна возраст).

  1965 година се карактеризира, барем во доменот на Предаватели и врски со пуштање во редовна работа и на другите ТВ предаватели. Така, на 05.09. е пуштен во редовна работа ТВ предавателот со сила од 0.6/0.25 kW на Туртел, а на 28.12. ТВ предавателот на Пелистер со сила од 0.5/ 0.1 kW и на Мали Влај со сила од 0.6/0.25 kW. Заедно со Црн Врв овие четири предавателни објекти се и денес базичните пунктови на телевизиската мрежа на МРТ. Во истата година се пуштаат во редовна работа и ТВ репетиторските објекти во Кичево и Куманово на 28.06. чии уреди се со сила од 10 W, а на Попова Шапка се поставува ТВ уред со сила од 50 W. При крајот на 1965 година телевизиската мрежа покрива 76% од териотријата и 83% од населението на Македонија (што е над југословенскиот просек).

  Наредните четири години (1966 - 1969) се години на интензивна изградба на репетиторската дифузна мрежа. Изградени се 13 нови репетиторски објекти, како и одредени засилувања на постојните уреди. Ќе ги набележиме податоците за пуштање во редовна работа на следниве пунктови: 05.01.1966 Стогово со 5 W уред; 08.08.1966 Штип со 5 W уред; 08.06.1966 Сопотница со 5 W уред; 29.12.1966 Македонски Брод со 10 W уред; 29.12.1966 Страцин со 10 W уред; 29.12.1966 Кратово со 50 W уред. Bo почетокот на 1966 година на Боскија се поставува 100 W уред. Во 1967 година се пуштаат во редовна работа пунктовите Крива Паланка со 50 W уред и Богданци со 5 W уред. Во 1968 година Неготино со 5 W уред и Ростуше со 5W уред. Во 1969 година Каменица со 5 W уред и Тепавци и Влајница со 10 W уреди.


  Во 1967 година започнува експанзија на нови емисии: со воведува дебата едночасовна емисија „На дневен ред”; на 28 јануари 1967 година се емитува првата младинска емисија „Јас, ти, ние ...”; специјализираната емисија за сообраќај и туризам „Семафор” (за првпат емитувана на 21 септември 1966 година), сега започнува да се емитува двапати месечно по 25 минути; се воведува спортска емисија и емисија за армијата и одбраната; на 2-ри мај Телевизија Скопје ја емитува својата прва телевизиска драма „Пустина” од Ѓорѓи Абаџиев, во режија на Душан Наумовски. Во летото 1968 година е снимена и првата забавно-музичка емисија на филм во боја „Охридските пастели”, според сценарио на Димитрие Османли ги реализираат уредникот Димитар Масевски и режисерот Ацо Алексов.

  На 27 април 1967 година (кога во Албанија сè уште нема телевизија) започнува емитувањето на 20-сет минутна информативна емисија на албански јазик, а на На 14 април 1969 година е воведена прва информативна емисија на турски јазик. Навистина, само 15 минути на 15 дена, но во тие пригоди со особено задоволство беше истакнувано дека во матичната земја на Турците, Турција, телевизијата сè уште не емитува редовна програма. На 25 jуни 1969 година во главниот град на земјава, во Белград, Телевизија Скопје отвора свое прво дописништво надвор од Републикава.

  Во технички поглед, даден е во употреба терминал и приклучувањето на програмата сега се врши од студиото, а не како дотогаш, преку предавателот на Црн Врв; започнува изградбата на студио II за информативна програма, спикерна, студио за најава на програмите, просторија за титлување филмови и повеќе редакциски канцеларии. При крајот на 1969 година заврши монтирањето на Студио II со две црно-бели камери, и сè беше подготвено оттаму да започне емитување на централната информативна емисија тв-весникот. Крајот на 1969 година Предаватели и врски го дочекуваат со десетгодишно искуство од областа на телевизиската емисиона техника. Телевизиската мрежа во Република Македонија се состои од 4 матични предавателни пунктови (Црн Врв, Туртел, Пелистер и Мали Влај), една радиорелејна станица Борула, како и 21 репетиторски објект низ Македонија. Вработените во Предаватели и врски веќе поседувааат солиден квантум знаење од таа област и се со богато искуство. Квалитетот на емитуваната програма од ден на ден се подобрува. Почнуваат и првите емисии во боја па следствено на тоа се појавуваат и првите колор ТВ приемници. На 09.09.1970 година на објектот Пелистер е пуштен во редовна работа нов 5/1 kW предавател. Во истата година во септември се пуштени во редовна работа и пунктовите Жировница и Спас. Во наредните три години се изградија следниве репетиторски пунктови: Отешево со 10 W уред, Дебарца со 10 W уред, Лазарополе со 5 W уред. Во Крива Паланка и Кратово наместо 50 W уреди се поставија уреди со моќност од 1 W.

  Годината 1970 го означува почетокот на воведувањето на втората телевизиска мрежа. Бидејќи радиофреквентниот спектар во ВХФ подрачјето (I и III банд) каде што има можност за поставување емитувачки уреди на само единаесет фреквенции (11 канали) е заситен и не дава можност за поставување други уреди, се преименува во УХФ подрачјето (470-862 МХц) кое дава можност за планирање и поставување уреди на 48 фреквенции (48 канали). Планот за распределбата на фреквенции во УХФ подрачјето е донесен од порано и остануваше да се изврши негова координација со соседните земји. РТС ги прави првите чекори за воведување на вториот канал, преку предаватели и врски со набавката на ТВ предавателот со сила од 1 kW за ТВ/УКБ пунктот Црн Врв и еден репетиторски уред од 100W за ТВ/УКБ peп. пункт Водно. Во текот на 1970 година, поточно кон крајот на годината, опремата е добиена од „Телетра” од Милано се монтира и на 02.02.1971 се пушта во редовна работа. Пуштањето во работа на тие уреди го означи почетокот на воведувањето телевизија во боја во Република Македонија. Македонската телевизија е меѓу првите земји на Балканот што почна да емитува сигнал во боја. (Белград 31.12.1971) Многу подоцна соседните земји ќе го почнат воведувањето телевизија во боја.

  Co воведувањето на ТВ-весникот сè уште се оди претпазливо: на 18 мај 1970 година е освоен еден ден во неделата, вторник, во кој експериментално телевизискиот весник се емитува во 20 часот. Редовното емитување на тв-весникот во овој термин започнува од 1 јануари 1971 година. Во 1972 година почна дизајнирањето и оспособувањето и на Првата ТВ мрежа за емитување телевизија во боја. ВХФ предавателите беа монтирани и пуштени во погон во 1974 година и тоа на 11.10.1974 година 5 kW предавател на Туртел, а на 13.11.1975 година 10 kW предавател на Црн Врв. Силата на емитуваниот сигнал повеќекратно се зголеми со што ги премина и границите на нашава држава. Во 1974 година репетиторската дифузна мрежа се прошири со уште 3 репетиторски пунктови и тоа: Нижополе (септември 1974) со уред од 1 W, Блатец (декември 1974) со 5 W и Делчево (декември 1974) со 5 W.

  На 2 август 1975 година на екраните во Македонија и во светот, за првпат од надворешен преhoc, се појави шпицата на Телевизија Скопје во боја: во новата репортажна кола е реализиран прв директен пренос во боја од Светското првенство во кајак на диви води. Во текот на оваа година на филм во боја се снима и првата играна серија за деца „Волшебното самарче”. Се продолжува со набавка на опрема за Втората програма во Нерези и друга опрема за опремување на студијата и мастерот во новиот Дом. 1976 година ја одбележуваат неколку работни успеси: вклучена е нова главна колор-режија за Првата програма, дадени се во употреба ново телекино, магнетоскопи и машина за титлување. Почнува да работи нова филмска лабораторија со можности за развивање 1.100 метри на час колор-умкер, позитив и негатив. Во оваа '76 година режисерот Душан Наумовски ја реализира првата играна серија на Телевизија Скопје, работена филмски, во боја „Пат кон иднината”. Започнува емитувањето на неколку часовната неделна емисија „Спортско забавно попладне”, во „живо” (единствена од тој вид во ЈРТ). Неколку програмско-технички зафати се карактеристични за 1978 година. Од 8 јануари телевизискиот весник прераснува во телевизиски дневник и оваа централна информативно-политичка емисија започнува да се реализира со водители. Се емитува во 20.00 часот, пет дена во текот на неделата, а во саботите и неделите се презема заедничкиот ТВ-дневник од ТВ-Белград.

  Периодот од 1975 година до 1982 година е период на најголеми инвестициони влошувања во телевизиската мрежа на МРТ. На ТВ/УКБ пунктот Црн Врв во тој период се монтираа следниве уреди и опрема: ТВ/УХФ 40kW предавател, 2х10 kW УКБ предаватели, поголем број линковски уреди како и УКБ и УХФ антенските системи и силата што ја зрачат уредите повеќекратно се зголеми, како и 3 агрегати за резервно напојување со електрична енергија. На ТВ/УКБ пунктот се монтираа и пуштија во работа следниве уреди и опрема: ТВ/УХФ предаватели со сила од 20 kW и 1 kW, двонасочна линковска врска, 2х10 kWУХБ предаватели и 1 kW УКБ предавател, агрегат со сила од 230 kW како и нови силни ВХФ, УХФ и УКБ антенски системи.

  На 6 март 1978 година Телевизија Скопје остварува нов, крупен чекор во својот развој: започнува да емитува своја Втора програма. Таа се емитува еднаш неделно, секој понеделник, а подоцна и во средите, во траење од четири часа, целосно во боја. Втората програма е алтернативна и комплементарна на Првата, со емисии од сите жанрови што се подготвуваат во двата сектора за информативно-документарни и за културно-уметнички емисии. Одговорен уредник на Втората програма е Зоран Вангелов. Инаку, во другите денови и во времето кога не емитува свои содржини, на вториот канал се преземаат директно програми од другите југословенски телевизиски центри.

  За изградба на интервентна ТВ мрежа за Вториот телевизиски канал се изврши набавка на 3х1 kW ТВ/УХВ предавател со француската фирма „ЛГТ” од Париз, како и набавка на 20 репетиторски ТВ/УХФ уреди во комплет со антенски системи од фирмата „Елрад” од Горна Радгона Словенија. Се изградија и поголем број нови ТВ репетиторски објекти и кон крајот на 1982 година, покрај 4 базични ТВ/УКБ објекти, првата телевизиска програма се емитува преку мрежа од 39 репетиторски објекти, а Втората телевизиска програма преку мрежа од 34 репетиторски објекти.

  Во 1982 година е набавена апаратура за читање текст од камера, т.н. „идиот”. Таа е вградена во студиото уште во нерези, и денес и исправно но поради пуста суета никој не ја употребува! Во 1983 година се вршат подготовки за преселба од Нерези во новиот Дом. Co пристигнатата опрема многубројна екипа на ТВ-Скопје активно учествува во реализацијата на Зимската олимпијада во Сараево. Во 1984 година се емитувани 161.394 минути на Првата и 54.721 минути на Втората програма. Завршува изградбата на новиот РТВ-дом и е извршена пообемна набавка на опрема која ќе се вградува во новите студија. Од нив директно во програмата започнуваат да се емитуваат и првите контактни емисии: „Скопската програма” што под редакција на Иван Андреевски, двапати неделно, ја подготвуваа и водеа поголема група нови, млади новинари. Од 17 февруари 1985 година во неделните претпладниња започна да се емитува и првата „отворена” забавно-контактна емисија „Добро утро, добар ден”, што ја водеа и подготвуваа Катица Трајковска и Петар Ѕалев. На 14 мај 1985 година во големото студио во новиот Дом започна снимањето на најголемата и најамбициозна играно-анимирана серија за деца од 31 епизода по 30 минути „Бушавата азбука”. Се создаваат претпоставки и се вршат подготовки за воведување целодневна телевизиска програма.

  Во 1986 година завршува најсложената, најтешката и најскапа операција на РТС во нејзиното постоење: преку своевиден технички подвиг на вработените од техниката, по целосната демонтажа и монтажа на уредите, без прекин на програмата, е извршено успешно пренесување на сигналот од Нерези во новиот РТВ-дом, во програма што директно се емитуваше за гледачите во текот на целото деноноќие. Co натамошното техничко опремување се создадоа услови за прием и следење сателитска програма. Во пролетта 1988 година се овозможува и реемитирање при што почна првото директно преземање на вториот канал на програми од сателит. Во овој период ТВ Скопје, од име на ЈРТ, е кооридинатор за обезбедување програми од југословенските твцентри за емитување преку сателитската програма „Канал на еден свет”.

  Во периодот од 1986 до денес се набавени неколку силни ТВ предаватели и тоа: март 1988 10kW ТВ/ВХФ предавател на Црн Врв, октомври 1991 година 10kW ТВ/ВХФ предавател за Пелистер, мај 1992 тодина 10kW ТВ/ВХФ предавател за Туртел. Сите тие предаватели се за емитување на Првата програма на Македонската телевизија. Во октомври 1993 година е набавен 10kW ТВ/УХФ предавател за Пелистер за емитување на Втората ТВ програма како и во октомври 1991 2kW ТВ/УХФ предавател на Пелистер за емитување на Третата ТВ програма.

  На 8 април 1990 година е воведена емисија на ромски јазик „Преродба”, а на 9 јануари 1991 година емисија на влашки јазик „Неделиик”. И двете се емитуваат еднаш неделно, траат по 30 минути, и двете го носат епитетот први и единствени во светот на јазиците на народностите за кои се наменети. Тоа, само по себе, и на Телевизија Скопје и го обезбедува достојното место на институција со демократски определби за пример. На 7 јануари истата 1991 година Телевизија Скопје започнува да емитува програма и на својот трет канал. „Канал-3” се емитува пет дена во неделата по четири часа, целосно во „живо” и со поведри содржини низ кои за првпат во програмите е применет телефонски разговор со гледачите, како и повеќе други атрактивни програмски содржини и акции со кои се анимираат гледачите. Во другите временски појаси Третиот канал е исполнет со преземена сателитска програма. Во почетокот Третиот канал се емитуваше преку еден предавател само за подрачјето на Скопје, а подоцна, со помош на општинските собранија, се набавени репетитори и се изградени неопходни инфраструктурни објекти со што е овозможено следење на програмата во уште десетина градови низ Македонија. Co повеќе програмки акции од градовите во кои се следи „Канал-3” се наѕираат развојните можности за создавање регионална телевизиска програма во Македонија и прераснување на дописните во регионални тв-центри.

  На 07.01.1991 година, најпрвин само преку еден киловат ТВ/УХФ репетитор од Водно, почнува да функционира и III канал на МРТ. Набргу со финансиско учество на општините Битола, Прилеп, Охрид, Струга, Ресен, Кичево, Македонски Брод и други третата ТВ мрежа се проширува така што денес се емитува од 16 објекти, со покриеност повеќе од 50% од населението во Македонија, со тенденција на зголемување и проширување.
Македонската телевизија после 1991 година
   

  Во духот на новонастанатите општествени промени и карактерот што го има Радио телевизија Скопје, Собранието на Македонија на 10 мај 1991 година ја прифаќа Одлуката на Работничкиот совет на РТС со која установа се преименува во Македонска радиотелевизија, а ТВ-Скопје во Македонска Телевизија. Во есента 1991 година во Скопје Програмскиот одбор на ЈРТ ја одржува својата последна седница системот на здружените радио и телевизиски станици на Југославија ЈРТ се распаѓа. Во следната година, на 2 јули 1992 година, Македонската радиотелевизија станува активен член на Евровизија.

  Со Законот за радиодифузна дејност од 24 април 1997 г., Македонската радио телевизија е поделена на два дела: Македонска радиодифузија и Македонска радио-телевизија. Според член 77 од Законот за радиодифузија, на Македонската радио-телевизија и припаѓа 61% од прибраната радиодифузна такса.

  Македонската телевизија дневно емитува 73 часовна програма на своите три канали и на Сателитскиот канал. На Првиот канал емитува непрекината 24-часовна програма. На Вториот канал се емитува програма на немнозинските заедници во Република Македонија. На него се емитува програма на албански јазик, на турски јазик, како и емисиите на српски, ромски, влашки и бошњачки јазик. Третиот канал е формиран во 1991 г., тогаш како експериментален канал, а сега е наменет за активностите на Собранието. Сателитскиот канал постои (од 2000 г.) емитува непрекинато 24-часовна програма, што претставува избор од програмите на МРТ, како и оригинална програма.
Програми на Македонската телевизија денес
   

  Први канал на Македонската телевизија ›››


 
  Втори канал на Македонската телевизија ›››


 
  Сателитски канал на МТВ - MKTV Sat ›››

Македонска Радио-телевизија - контакти
 

  Република Македонија 1000 Скопје, булевард Гоце Делчев б.б.
  телефон: (+389) 02/ 311 2557, 311 9505
  факс: (+389) 02/ 311 2578

  e-mail: mrtveb@mrt.com.mk, mkrtvcor@mt.net.mk, mkrtvir@mt.net.mk
  web-site: www.mrt.com.mk
© 2001-2009 Михаил Щербак •  За сајтот •  Услови за користење